Интервју на членовите на Управниот Одбор на Стопанска банка а.д. Битола м-р Гордана Балтовска и д-р Наташа Несторовска за магазинот Капитал



-Како ја оценувате минатата деловна година за Стопанска банка – Битола? Остварени ли се зацртаните цели?

м-р Гордана Балтовска: Изминатата година беше доста успешна за Банката. Вложувавме напори за следење на модерните банкарски текови, понуда на нови производи и услуги и унапредување на постоечките со цел креирање на дополнителна вредност како за нашите клиенти, така и за Банката. Во едно динамично окружување покажавме висок степен на респонзивност на промените така што ја завршивме 2017 година со зголемен број на клиенти, раст на депозитите, раст на кредитната активност и позитивен финансиски резултат односно бруто добивка во износ од 46,38 милиони денари. Со тоа постигнавме солидно остварување на клучните плански цели со прифатливо отстапување од +/- 5%. Го зголемивме и пазарното учество со што ја потврдивме цврстата определба за понатамошен раст и зајакнување на позицијата во рамки на групата средни банки.

-Што е фокус во растот и развојот на СТББ годинава, а и периодот што следи?

д-р Наташа Несторовска: Во идниот период фокусот останува врз подобрување на искуството на клиентите од производите и услугите кои ги нуди Банката како основа за понатамошен раст и развој. Ќе нудиме атрактивни депозитни производи, ќе кредитираме добри корпоративни проекти со прифатливо ниво на ризик, ќе излегуваме во пресрет на финансиските потреби на домаќинствата, ќе го следиме пазарот и потребите на клиентите преку воведување на нови иновативни технологии во банкарското работење. Планираме и соработка со меѓународни финансиски институции заради обезбедување на евтини извори на финансирање главно во делот на кредитна поддршка на инвестициите на домаќинствата во енергетска ефикасност како и кредитни линии за поддршка на развојот на индустријата. Интензивно ќе работиме на подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и вупната актива преку наплата на нефункционални побарувања и продажба на преземен имот. Сето ова ќе придонесе за понатамошно подобрување на перформансот во работењето и продолжување на повеќегодишниот тренд на континуиран раст и развој на Банката.

-Кои се клучните точки врз коишто се потпира политиката на општествена одговорност на банката и какво место тука зазема стимулирањето на родовата еднаквост?

м-р Гордана Балтовска: Во Стопанска банка а.д. Битола темелите на општествената одговорност  ги поставуваме во самите односи со вработените. Градењето на добри врски засновани на доверба се клучниот двигател за една компанија да може да делува општествено одговорно. Токму на овој начин, преку заедничките секојдневни активности ја градиме стратегијата за позиционирање на општествено одговорните активности во основите на нашето работење. Стопанска банка а.д. Битола ја гледа широката слика која стои зад поимот општествена одговорност. Бидејќи суштината на тоа една компанија да биде општествено одговорна не се состои само во донациите кои истата ќе ги направи, како што многумина разбираат.  Пред се, Банката ги штити интересите на општеството и на сите единки на општеството, тука вклучувајќи ги и вработените и клиентите. Стратегијата на општествена одговорност во Банката се темели на транспарентно и етичко однесување со континуирано водење грижа за социјалните, културните и економските проблеми кои го засегаат општеството, а и нас како дел од истото. Во делот на социјални проблеми, нормално, се вклучува прашањето за родовата еднаквост, односно, концептот на еднакви можности на мажите и жените кое е прашање што на глобално ниво, за жал, се’ уште се проблематизира. Стопанска банка а.д. Битола во целост не само што го поддржува концептот на еднаквост туку истиот и го стимулира и применува не само во рамките на деловното работење туку и во сите надворешни односи и општествени активности кои ги превзема.

-Сметате ли дека Стопанска банка Битола може да се истакне во промовирање на родовата еднаквост генерално, а и од аспект на топ менаџментот?

д-р Наташа Несторовска: Како што напоменавме и претходно, за прашањата кои го засегаат општеството темелите ги поставуваме помеѓу нас како институција. Родовата еднаквост не само декларативно туку и во пракса отсекогаш била и ќе биде дел од приоритетите на Банката. Правата, одговорностите и можностите во Банката никогаш не биле, ниту ќе бидат поделени според родот. Овој начин на функционирање, со надминување на сите бариери во однос на прашањето за родовата еднаквост и избалансираност на процентот на застапеност на мажите и жените се провлекува низ целата организациона структура на Стопанска банка а.д. Битола вклучувајќи го и топ менаџментот на Банката од кој сме дел и ние.

-Кои се според вас најголемите предности за една компанија да има што повеќе жени во својот топ менаџмент?

м-р Гордана Балтовска: Од досегашното искуство во работата, жените менаџери се покажале како доста добри организатори. Умешни се во поставување на приоритети, multitasking и брзо решавање на секојдневни проблеми во работата, покажуваат висок степен на кооперативност, а одлично се снаоѓаат и како ментори. Во Стопанска банка а.д. Битола покрај жените во Управниот одбор, доста жени извршуваат и менаџерски функции на ниво на сектор. Од вкупно единаесет сектори во Банката, седум се под надлежност на жени кои максимално одговорно и посветено ги водат активностите во нивниот делокруг на работа со тоа придонесувајќи кон успешното работење на Банката. Сепак, добрите резултати се одраз на заедничкото залагање на сите менаџери и вработени во Банката.

-Банкарскиот сектор е карактеристичен по традиционално високата застапеност на жени, а кај неколку банки и во самиот топ менаџмент доминираат жените. На што се должи тоа според вас?

д-р Наташа Несторовска: Времето во кое живееме денес е доста различно споредено со претходните дваесетина години. Улогата на жената не се сведува само на грижа за домаќинството и семејството. Денес жените веќе имаат различни ставови и афинитети. Се повеќе жени избираат да се едуцираат, да работат, да вложуваат во лична и професионална надоградба, а со тоа и да напредуваат во бизнисот. Сето ова придонесува за поголема застапеност на жените во сите сфери на работењето. Во банкарскиот сектор голем број на жени се ангажирани во продажбата, управувањето со ризици, поддршката и финансии, процесирањето, како и ИТ секторот. Нема повеќе машки и женски професии. Жените стануваат се покомпентенти за извршување на работни задачи кои во минатото генерално ги извршувале мажи. Таков е случајот и со менаџерските функции во банките каде високообразовани жени, со повеќегодишно работно искуство, комуникациски и организациски вештини се покажале како професионалци во својата област.

-Како вие лично успевате да балансирате помеѓу бизнисот, приватните обврски и општественото делување?

м-р Гордана Балтовска: Се се сведува на добра организација. Покрај тоа што успехот бара посветеност  и напорна работа, сепак ни еден успех не е комплетен доколку не издвоиме време за останати активности кои не прават среќни. Потребно е добро планирање на времето и рационално користење на истото за реализација на предвидените активности, било да станува збор за работни обврски, извршување на некое хоби, време поминато со блиските или пријателите. Доколку се држите до планираниот распоред и притоа максимало се внесувате во она што го правите тогаш ќе успеете да ги постигнете сите работи кои ви се значајни. Исто така, статистиките покажуваат дека се поголем дел од времето луѓето залудно го трошат на социјалните мрежи. Во ера на голем проток на информации, секако дека е значајно да се биде информиран, но треба да се покаже умешност за избор на корисни информации во кратко време.

-Што вас ве карактеризира како припадници на топ менаџментот, односно, кои се клучните вредности што сакатe да им ги пренесете на соработниците и сите вработени во банката?

д-р Наташа Несторовска: Клучните вредности кои ние би сакале да ги пренесеме се веќе цврсто етаблирани во рамки на корпоративната култура. Работиме со одговорни, посветени и стручни личности кои максимално професионално и етички ги извршуваат работните задачи, притоа негувајќи го тимскиот дух. На ваков начин сите заедно придонесуваме Стопанска банка а.д. Битола да биде синоним за банка од доверба за нашите клиенти и деловни соработници, банка која го оплодува капиталот на акционерите и банка која е посакуван работодавач.